1. Најпрво за почетоците на бендот, членови –нова и стара постава...
- Бендот е оформен крајот на 2008 год. На почетокот бевме само Нено-Хогар, Пинки и Симе. После го земавме Јоцо како вокал и почнавме поинтезивно со проби. Како гостин на првата свирка ни свиреше Анастасија (Пропаганда) и на крајот на 2010 ни се приклучи и Дамир (S.O.F.A.R.), втора гитара и вокал) како постојан член.
2. Невообичаено име на бенд за нашава “сцена”, зашто Left Sided Dicks?
- Првата идеја беше да се викаме Leftsided но сметавме дека многумина можат да помислат дека сме политички ориентиран бенд, затоа се одлучивме за ова име што го имаме сега. Името доаѓа од конституцијата на нашите “петлиња”. Сакавме да имаме несекојдневно и необично име во кое може да се пронајдат многумина.
3. Опишете го вашиот звук, што поточно свирите и кои бендови влијаеле на вас за да почнете да свирите и направите свој бенд?
- На почетокот песните беа панк, но со текот на времето оформивме свој стил кој што може да се каже дека меѓу панк-рок бендовите. Ново во бендот е што наместо со еден вокал песните сега се со два вокала, од кој едниот е поцврст а другиот помелодичен. Големо влијание на нас имаа повеќе македонските бендови но секако и странските. Од македонската сцена тоа се К.У.Р., No name naton, Лоши деца и др., а од странските Toy Dolls, Ramones, Електрични оргазам, NBG, Аtheist Rap, Goblini, Lude krawe…
4. Покрај тоа што свирите, што друго правите во животот?
- Сите сме студенти освен Симе кој сеуште учи средно. Како и сите млади луѓе сакаме да излегуваме и прочитаме по некоја “книга” и еве еден апел да се укине “Законот за печатници” кој налага издавање на книги до 7 саат. Друго нешто сериозно и не правиме.
5. Кои се вашите омилени бендови од нашата и од странската сцена, кои бендови највеќе ви “пичат” по дома во последно време?
- Пинки: Слушам стрoго панк , но знае се и сешто да ми помине низ компјутер. Бендови што најмногу ми “пичат” по дома се Misfits, Ramones, Лоши Деца, Unseen, Ритам Нереда, Casualties, NBG,Anti Nowhere League.
- Нено: Слушам секаква underground музика, но најомилени ми се панк рок бендовите. Од нашите ги слушам КУР, No Name Nation, Лоши Деца ... од странските често ги пуштам Toy Dolls, Atheist Rap, Kud Idijoti, Goblini, …
- Дамир: Jас сум малку по ориентиран кон метал музиката, но не се ограничувам и можам да уживам во секоја добра песна. Од македонската сцена ги слушам Hall of Sins, Fusnota, Serpentine Fire, Maras, Aeon Arcanum… Од странските тоа се Metallica, Gotthard, Epica, Lude Krawe, Divje Jagode…
- Јоцо: Јас сум хардкорецот во бендот, претежно слушам Њујоршки хардкор. Највеќе ги слушам Agnostic Front, Hitman, GBH, Madball, Beastie Boys…
- Симе: повеќе слушам хардкор, грув, но и секоја добра underground музика. Омилени бендови кои често ги вртам се: Pantera, Hatebreed, Sick of it All, Madball… а од нашава сцена Sanatorium, Hardfaced, Serpentine Fire, Лоши Деца …
6. Досега сте имале само 2-3 локални свирки во Скопје, како сте задоволни од вашите настапи, дали мислите дека публиката ве прифатила како што треба и дали би свиреле низ Македонија, или па надвор од неа?
- Искрено, позитивно сме изненадени од тоа како не прифатија, со оглед на тоа што сме млад бенд кој допрва треба да се докажува. Би ни било чест и би прифатиле каде и да не викнат да свириме низ Македонија, а доколку се укаже прилика за свирење надвор од држaвата би ни било задоволство, но сметаме дека треба да се докажеме прво на нашата сцена.
7. Што сакаат да кажат L.S.D. во нивните текстови, која е вашата порака и за што поточно се работи во вашите текстови?
- Текстовите претежно се комични, преку нив најчесто го искажуваме нашето секојдневие и начинот на нашиот живот. Во нив нема политика и идеолошко определување. Пишуваме за општокорисната работа во парк, плаќањето казни за возење после 11 саат, за рациите во кои што сите бевме собирани, и секакви глупости кои ни се случувале и допрва ќе се случуваат.
8. На блогов имам поставено неколку песни од вашите два настапа, па може ли да се очекува во блиска иднина некое издание на L.S.D., албум, Е.Р. или слчно?
- Веќе сме при крај со снимањето на нашата прва демо песна, којашто се надеваме дека ќе ја пуштиме на интернет до крајот на овој месец, и се надеваме дека добро ќе биде прифатена од љубителите на punk-rock музиката. За нешто посериозно секако дека размислуваме, но тоа ќе биде понатаму.
9. Дали би прифатиле доколку некоја издавачка куќа (за ваков вид на музика, Oi!/HC/Punk) ви понуди договор за соработка, или би останале само на D.I.Y.?
- Веројатно би прифатиле, во зависност од условите кои ќе ги понудат, бидејќи тоа би бил голем чекор напред. Мислиме дека е потребно тоа на нашата сцена за да ги промовира underground бендовите.
10. Каков е вашиот став за нашава катастрофална Punk сцена? Што мислите што е проблемот што бендовите не се активни и се затворени во гаражите? Имате ли некоја идеја за подобрување на Punk сцената во Македонија?
- Се согласуваме дека сцената е катастрофална.Мислиме дека клучниот проблем е во тоа што нема подршка за underground сцената, не доаѓаат луѓето на свирки. Бендовите се затворени бидејќи многу ретко има свирки, а и кога има добра свирка со добри бендови, посетеноста е многу мала. Сметаме дека треба да се отвори издавачка куќа за ваква музика, којашто ќе им помага на младите бендови.
11. Нешто за крај?
- “Не е важно дали е голем, не е важно дали е мал, важно е само на која страна се наоѓа”
No comments:
Post a Comment